srijeda, 29. kolovoza 2012.

ladri di biciclette THE BICYCLE THIEF

кој ми го здипли велосипедот?


 К о ј   м и   г о    з д и п л и     в е л о с и п е д о т?

(Ако не е Де Сика и не е Спилберг)


И покрај сета снабденост со најсофистицирани технички помагала, и покрај тоа што е член на информатичко општество, обичниот граѓанин на почетокот на 21 век, ако од сите можни географски ширини и должини на планетава живее токму во Скопје, и ако згора на тоа, е пасиониран велосипедист – го очекуваат неколку необични скокови со пречки, доколку сака да си го продолжи уживањето во својата секојдневна рутина.
Проблем број еден – паркирање, врзување на велосипедот со ланец во кој има вградено аларм и нагазна мина, и одвојувањето од него макар и на неколку минути – травматско искуство, коешто го активира хормонот на стравот дека е можно да дојде до неповратно лишување од приватната сопственост. Додека го врзувате точакот за некој железен предмет на соодветното паркиралиште, вие психички се подготвувате дека ова е можеби вашето последно дружење со бајкот – велат дека крадциве биле многу добро организирана банда којашто ги демнела потенцијалните жртви во вид на скриена камера, и дека ги спроведувале своите акции слично како оушн 12, применувајќи ги старите добри методи од типот „сега го гледаш, сега не го гледаш“. Без разлика дали си влегол во продавница, книжара, или си кај пријателите на гости, она што ќе ти остане засекогаш во сеќавање е посттрауматското велосипед-искуство и утехата дека никој не е совршен, а најмалку скопските паркиралишта за велосипеди. Ја спомна ли некој полицијата? Или патент центарот за изуми, каде што се пријавени најмалку стотина неверојатни „паметни справи“ со кои би можеле да ги избегнете сите непријатности на патот на вашата велосипедистичка авантура? Но, како и да е, се разбира дека има многу поедноставно, и бесплатно, а дури и системско решение за проблемот. Се вика Култура. Тоа е нешто што не постои како предмет, но го има во воздухот.
Плоштад, скулптура, театар, фонтана, мост, трамвај, железница, аеродром...
Да речеме, колку е поубав плоштадот толку се појаки култовите зад него, и токму тие култови во позадината се материјалот од кој се прави еден критериум според кој ќе се мери убавината. Затоа е можно еден ист споменик („на културата“...) за некого да е убав, за некого не. Духот е тоа „сетило“ да речеме надсетилно сетило, со кое се восприема убавината и истовремено и се зрачи, се враќа како повратна информација и тоа ни помалку ни повеќе туку токму во вид на култура! Негата (и одгледувањето) на духот е онаа најтешка, најделикатна и најодговорна работа којашто и поединецот и групата би требало да ја имаат како врв на агендата на можни постигнувања.
И додека во глобалното село на планетата земја на големо се зборува за исцрпувањето на природните ресурси или нивно континуирано и трајно загадување, еколошката култура е само еден од подвидовите на воспитаност коишто никнале на полето на меѓусебното почитување, правичноста, вистинитоста и човечноста – зборувајќи за идеалите на високо развиените општества.
Култот кон малото ѓубре
А сè почнува од култот кон ѓубренцето. На кој дел на планетава и да се наоѓате, ако не сте подготвени на себе да го земете товарот на одговорноста за сопствениот отпад, вие сте неосвестен загадувач, а зад тоа неосвестен стои неранимајко којшто скришно ќе ја залепи мастиката под маса, не толку скришно ќе се ослободи од опаковката на сладоледот на среде улица, и до болка лежерно ќе ја зафрчи непотребната белешка од штотуку завршеното пазарење во некој простор за јавно наддавање на отпадоци – каде било, само не во кантата којашто трпеливо и ненаметливо чека и зјае празна.
Култот кон големиот контејнер
Не е само контејнерот во прашање, туку попрво – просторот околу него радиус со барем два-три метри во должина вклучително сите чопори мачки и кучиња во улога на машини за рециклирање на сè што не можело да биде дојадено а за коешто контејнерот имал премногу мала зафатнина... едноставно, машината за рециклирање секогаш ќе заостанува зад ненаситниот и мегаломански ум на конзументското општество коешто се труди да биде во чекор со секогаш новиот прашок за пециво... Битно, ѓубрето се фрла ноќно време кога реата нема толку силен интензитет како дење, а и веројатноста дека некоја од мачките ќе заврши каде што не треба е за процент помала...
Култот кон предноста на другиот
Тука би можеле како подвидови да се вбројат љубезноста, нетуркањето (одбивност кон правењето турканици), простувањето, и најнакрај, култот кон имањето одвишок време коешто би се арчело на такви непотребни нешта како што е возењето точак, само за да се почувствува здивот на ветрот, мирисот на воздухот, бојата на зајдисонцето и слични недофатни задоволства...
Ова не беше толку омаж кон де Сика и неговиот Ladri di biciclette, колку што е можеби,ковање заговор против сите откупни центри на украдени велосипеди во градов коишто без никаков проблем продаваат Nike, Hurricane, Kinetic или Adidas, малку возени, а за ич пари. Ако да речеме, на местата предвидени за паркирање на велосипедите се постават камери, прашање е кој повеќе ќе профитира – загрижените возачи на велосипеди, или пак оние што досетливо во пакет со камерата веднаш ќе ги инсталираат и своите наплатни рампи! А во однос на тоа дали крадецот на велосипеди ќе се преориентира на крадење камери со оглед на њу ејџот, или ќе оперира како службено лице од другата страна на шалтерот, отуѓен, роботизиран крадец,  е тоа е веќе терен сериозно подговтвен на него да истрча некој скопски Поаро којшто на принцип на бетмен, или уште подобро –на принципот на малцинските извештаи во режија на Spielberg,  безмилосно ќе ги спречува потенцијалните крадци да го вршат злоделото просто укажувајќи им на култовите што своевремено испуштиле да ги негуваат.  Детството! La mala educacion! Така би рекол Алмодовар – лошото воспитување е виновно за сè!
Така, крадците едноставно ќе заборават дека тргнале во кражба, а на филмот ќе останат забележани само сцените на среќните велосипедисти коишто засекогаш ја повторуваат едната иста сцена – го отклучуваат, па го заклучуваат својот велосипед во зоната на една високо развиена, фиктивна култура каде што паркингот сè уште е бесплатен...




nedjelja, 5. kolovoza 2012.

about fear...

 
Стравови од кои не се плашам...

Се плашам од осудување
Се плашам од несреќа
Се плашам од незнаење
Се плашам од недоразбирање
Се плашам од неискреност
Сеплашам од несвесното Од моќта на тоа НЕ
Се плашам од предвремена смрт се плашам од насилство Се плашам од митовите за пеколот
Се плашам од заблуда                                                                                                                                     
Се плашам од недореченост
Се плашам од неосвестени стравови
Се плашам од немање втора шанса
Се плашам од нерасчистени односи конфузија збунетост немоќ фрустрации сиромаштија
Се плашам кога не можеш да му помогнеш на саканиот
Се плашам од непознавање на себеси
Се плашам од неспособноста да бидеш среќен
Се плашам од оневозможеност да изреагираш во мигови на опасност
Се плашам од идентификација со стравот
Се плашам од невозможност да се предвидат промените
Се плашам од убеденост во форма која нема конечен облик – се плашам од непостојаноста на таа убеденост
Се плашам од суетата натопорена на пиедестал, а несвесното ѝ доделува златен глобус
Се плашам од нејзиното ликување
Се плашам од договор кој кога тогаш ќе биде раскинат
Се плашам од сè што е подложно на распаѓање и од врските во внатрешноста на тоа распаѓање
Се плашам од силата на околностите кога играат улога на оправдување на лошата среќа
Се плашам од таа црна точка во кривината на опортунизмот
Се плашам кога слабостите се над мене и јас им повладувам
Се плашам од стадото кога е премногу тивко од трепетот на тој молк се плашам
Се плашам од ерупцијата на вулканот потиснат гнев
Се плашам од немоќта да се контролира тој вулкан
Се плашам од природните процеси кои течат независно од сè т.е. од мене
Се плашам од зависноста
Се плашам од мојата зависност од мене, а независноста на мене од природните процеси
Се плашам од таа одвоеност
Се плашам од процепот со димензии на вселена
Се плашам од ракавиците на моето јас и од неговите чевли и амбисот помеѓу таа опрема и неумоливата дива пророда
Се плашам од непријатноста во однос на една мала змија домашно милениче којашто иако безопасна го буди пакетот со инстинкти меѓу кои самоодбрана со подзнак недоверба
Се плашам од вештачкоста на тоа јас коешто симулира излезност од рајот на божјата природа и глуми до совршенство на непрепознавање што е што
Се плашам од приватноста на тој рај лишен од систем на обезбедување а кој сепак нема врата за влегување
Се плашам од занданата на јас којашто ги поткопува темелите на стварноста а потсвеста неуморно го копа тунелите за бегство, се плашам од тие две спротивни тенденции
Се плашам од самоуправувачката моќ на тоа мало Јас коешто се задоволува во делумноста и ја потиснува големата слика во длабочините на НЕЗНАМ
Се плашам од овој холограм загубен во океанот на несвесното.
Се плашам од изживеана играчка од детството спакувана во мртовечко кесе, од слоевите прашина наталожени врз мојот фокус.
Се плашам од објаснување коешто само ја нагласува нејасноста.
Се плашам кога се откажувам на половина пат прифаќајќи го помалиот отпор како поголема причина за повлекување, себеоправдување и миење на рацете пред ултимативната понуда за вечен приход
Се плашам од внатрешното дишење за коешто кислородот од атмосферата е обична маска на фестивалот на рудиментирани ауспуси
Се плашам од бесмртноста која чука на вратата заедно со староста
Се плашам од тоа дека сè што постои е космичка шега а тоа дека никој не се смее туку напротив, е доказ за предозираност со хумор при што способноста за насмевка станува еден вид закопан талент
Се плашам од невидлив недостаток на витамини кој се објавува во вид на нерегистриран симптом во еволуцијата на современата психоанализа а мајките се обидуваат да го препознаат како неухранетост
Се плашам од вештината на Јас да симулира сè само за да ја сокрие вистината за сопственото непостоење, од тежината на тој музејски експонат толку удобно закотвен во пристаништето на умот.
Од отпорот што го пружа при секој обид да биде тргнат од поставката. Од оклопот на карактерот кој не може да биде пробиен никако освен преку убиственото присуство на мигот кој трае.
Се плашам од таинствените координати на телесната распространетост во простор-времето, од суптилната моќ на неделивото да се преобликува во сè и сешто, се плашам од гладта кога добива вид на вселенска правосмукалка којашто работи на погонот на сите инстинкти заедно впуштајќи се во авантура на бескрајно т.е. беспочетно всмукување на сè со што не може да се поистовети.