petak, 25. siječnja 2013.

An Cora Qui, Tarantino

UNCHAINED (H)EARTH


Тарантиновото бегство во слободата

Овојпат трае таман колку да остане некоја минута за дремка – нецели три часа или 165 минути...
Да се гледа овој филм е како да се влегува во срцето на метастазираниот сон на робот кој мечтае само за едно: животот што поскоро да заврши. На робот не му се живее бидејќи во неговиот софтвер ја нема перспективата, го нема гледањето. Кој е Џанго всушност?
Симбол на робувањето, секогаш поврзан со идеалот на слободата. Еден од најупотребуваните и затоа најизлижани мотиви во уметноста... Прво платоновата метафора за пештерата, потоа сите религиски референци кои го вперуваат прстот во поимот за вистината. Дознај ја вистината и таа ќе те ослободи. Вистината е единствениот двигател со моќ да ослободува. Квентин е инспириран од шпагети вестерн продукцијата, особено од авторството на Серџо Корбучи, кој го снимил својот „Џанго“ во 1966 година, со Франко Неро во главната улога.
Дејствието во филмот почнува во 1858 година, по една аукција на робови во Тексас меѓу кои е и Д Џанго, кого го глуми Jamie Fox, кој е продаден и одделен од својата жена Брумхилда (Kerry Washington). Поворката робови ја пресретнува чудесниот доктор Кинг Шулц (Christopher Waltz...) германски емигрант во Америка, кој освен што е забар е и ловец на уценети глави. Тој го ослободува Џанго и за возврат од него бара соработка во неговата потера и лов на награди, и нивната заедничка приказна во филмот почнува откако се договараат да ја пронајдат и да ја ослободат Брумхилда, којашто е робинка на плантажата Кендиленд. Сопственикот на оваа робовладетелска плантажа го глуми извонредниот Леонардо ди Каприо = тој е шармантниот и перверзен Келвин Кенди, франкофил и организатор на гладијаторски борби на робови, така наречени мандинго тепачки (пародија и парафраза на гладијаторите од времето на Гај Јулиј Цезар). За миг во собата каде што се одвива мандинго борбата меѓу робовите се појавува една глумечка ѕвезда со европска патина и латински блесок на ненадминлив заводнички шарм, со исклучително широк дијапазон на асоцијации од кои меѓу првите – неговата епонимска улога во истоимениот италијански вестерн филм од минатиот век – Franco Nero. Сега, Неро се појавува само неколку минути како Америго Васепи, при што тој и Џанго имаат кратка конверзација во која Васепи го прашува Џанго како се вика, и го замолува да му ги спелува буквите, и кога Џанго му вели дека при изговорот тоа „Д“ не се изговара, Васепи вели „Знам“.

Се разбира дека тоа што е Џанго со црна боја на кожата е само користење на веќе усвоената и силно етаблирана симболика на меѓурасниот дискурс внатре човечката раса во рамки на планетата земја: белата раса е супериорна над другите бои – ајде да речеме, црната, жолтата и црвената. Квентин си игра со црната раса онака како што во 50-60тите години од дваесеттиот век си играа со црвенокошците кога беа лансирани митовите за Док Холидеј наспроти еден Бик кој седи или Вајат Ерп и другите, одомаќинети и светски познати ликови од ерата на шпагети вестернот. Пред извесно време таква бајка раскажа и Мел Гибсон во неговиот Апокалиптико. Сето тоа е митолошката поставка на чиј темел се градел бесмислениот идеал за слободата којшто секогаш бил допуштан и цензуриран од страна на супериорната, арогантна и најнакрај лицемерна позиција над на важечкиот систем на вредности. Со други зборови, не постои слобода заради слободата, оти ако немаш потреба од слободата, самото незнаење дека не си слободен е причина за неслободата, што значи не може никој да го ослободи другиот (неслободниот), освен самиот тој. Слободата не се добива, таа се зема. Дури, „умислената“, лажна слобода може да биде не само опасна, туку и контрапродуктивна.

Ода на слободата

Имено, ропски може да биде само начинот на мислење, а не и начинот на постоење – бидејќи сè што постои, постои затоа што сака да постои, а не затоа што мора да постои. Смртта тоа го докажува – доколку некој (без правото да се претера велејќи и „нешто“), сака да го прекрати постоењето (свое или не), може со помош на само – убиство да го постигне тоа. Самоуништувачкиот нагон вграден во днк на живите суштества исто така го докажува тоа. Прашањето што го поставува Џанго во филмот на Тарантино гласи – дали тие три точки во черепот го одредуваат начинот на кој ќе постојам, и дали знаејќи за тајната на овие точки, тие можат да се премавнат ...? Шулц (Германецот кој го просветлува и му помага на Џанго на патот на неговото реализирање како слободен т.е. со избелен начин на перцепирање на поимот на слободата), ја воведува оваа метода на трансцендирање со една таква леснотија, со еден таков бони&клајдовски  шарм, што едно цело брдо антрополози да застанат спроти него со фактографски детали за составот на черепот, на крајот ќе мораат само капата да му ја симнат. Тој се појавува како возач на кочија на чиј покрив федерира еден умник упатувајќи на тоа дека овој ловец на уценети глави во слободно време е забар!  Шулц премавнува, а Џанго реализира. Кај вториов се активира програмскиот јазик на слободата „од“, и него веќе ништо не може да го спречи во остварувањето – тој ита кон постигнувањето на целта, којашто за Шулц е дадена самата по себе – ослободување од тортурата на белата раса. Со својата самоувереност и умерената доза на самоиронија и самопрезир, тој покажува дека не е некој на кој му е премногу грижа за себе, напротив, тој ѝ контрира на расата на која ѝ припаѓа со тоа што му помага на некој од надвор да се еманципира од неа. И тоа е повторно во служба на финиот тарантиновски модел на автоироничност – Шулц е во пародична улога на белец кој ги ослободува црнците од нивната вродена глупост што од друга страна (глупоста) им го еманира скапоцениот талент на сервилност и безпоговорна понизност. Притоа, се разбира глупоста не е ограничена со лиценцирање на нејзините олицетворувачи... Талентот пак, на услужноста е истиот оној што го заговараат сите големи светски религии кои притрчуваат напомош тогаш кога закажува дејството на природниот серотонин дозиран од горните сфери, којшто е бесплатен, неусловен, ...слободен. Она што Енгелс своевремено го споредуваше со начинот на кој опиумот се користел и сè уште се користи во медицината.

Глупоста на заробениот ум, сервилен кон господарот Страв, и секогаш лојален во односот кон него, во филмската фабула кулминира кога извонредниот Samuel L. Jackson, слугата на Kelvin (Леонардо ди Каприо) интуирајќи ја љубовта помеѓу Џанго и Хилде, во ниеден момент не се двоуми дали да го направи чинот на предавството – улогата на колаборационист – и да му ја испорача интуитивно согледаната тајна на својот господар и со тоа да ликува во плодот на својата лојална потчинетост, истовремено предавајќи го братот. Симболот на буквата „Р“, како жиг на лицето на робот, жиг којшто се втиснува во телото на стоката како знак за припадност кон стадото.

Тогаш, на еден независен посматрач од страна, кој не би имал никаква боја на кожата, или воопшто не би имал кожа, веднаш би му станало чудно тоа, од каде пак сега, таа потреба од пигменти и зошто черепот, мозокот, и крвта имаат улога во моделите на слободата. Откако Џанго самиот себе се ослободува, неговата следна повисока цел што ќе го движи понатму е ослободувањето на неговата љубена – таа е беспомошно окована во прангите на истата кармичка зададеност на пигментот – како што Леонардо со еден безобразен цинизам полн со себе, од онаа позиција на неподносливата леснотија на надмоќта, лежерно и доконо  го поставува прашањето  -„ цел живот се прашувам зошто не им текнува дека едноставно, можат сите да нè испоубијат...?“, така Џанго го прави токму тоа – со сопственото „будење“, предизвикува цела лавина од неочекувани дејствија со кои се обидува да ја искупи ропската карма на својата сакана. Повторно еросот е тој лајт мотив кој на главниот јунак му дава сила да ги пречекорува црвените линии во борбата со природно дадените точки на одредено место во сопствениот череп. Оти кога еднаш ќе се достигне критичната маса, лесно е за другите. Џанго не е некој посебен јунак. Туку едноставно некој кој го совладал образецот на стравот и се прилагодил кон новите видици. На хоризонтот низ целиот филм провејува фатаморганата на неговата сакана. Со помош на германецот, Џанго го раскинува договорот со матриксот (должничкото ропство, кармата) и во истиот миг е слободен. Светлината на знаењето го прави слободен. И моќен да делува. Совладаниот страв му дава храброст да ризикува и да се осмели да го убие својот господар. Стравот персонифициран во ликот на Белиот Човек. Станувајќи слободен од стравот, тој се преобразува кон новиот образец на кармата во чиј пресрет неумитно тргнува – љубовта, претставена во ликот на прекрасната црна жена .... Овој суптилен еротизам во текот на целиот филм се трансферира како борба на Џанго со разните облици на зло – при што тој непоколебливо се ослободува од сите претходно наталожени фрустрации (во вид на бели непријатели – господари), при што Тарантино повторно брилјира во својата типична естетизација на агресијата. Можеби тој не е првиот што ја воведува оваа техника, но е секако врвен мајстор во правењето уметност (артифициелност) од перверзијата на деструктивноста, токму на границата гледачот да се соживее за да му се случи катарза... Секојпат кога човекот се ослободува од стравот, тој се соочува со себеси.

И кога сме веќе кај предностите на тивкиот мир на пештерата и сите придобивки што одат во пакет со „рајот“, се чини дека Тарантино на многу суптилен начин, со многу хумор и забава успева да покаже дека единствено што направи белецот, е што внесе електрично осветлување во пештерата, но без никој тоа да го бара од него. Напротив, дебелите сметки за потрошената електрична енергија што ширум планетата просветленото население ги плаќа на крајот на месецот на домицилните електрични компании, се скапа компензација за неповратно загубените цивилизации коишто работеле на едноставниот погон на духот којшто не испорачува сметки ниту времето го пресметува со календари...
И уште, да не беа ваквите мајстори на филмот како Тарантино, речиси ќе беше сосема незабавно да се родиш во улога на белец...

Соочување со минатото

Освен што овој екстраординарен филм како впрочем и сè што Тарантино ќе допре со камера, можеме да го гледаме како метафора за вечната тема на слободата, секако дека не е за потценување и буквалистичниот пристап во толкувањето на последното остварување на Тарантино – имено, тој има големо срце со многу храброст во него, отворено да проговори за една прилично мрачна дамка во историјата на новиот континент – колонијализмот и ропството, и тоа сатирично исмевајќи ги, што во филмот во еден миг кулминира во сцената кога се подбива со дизајнот на кулавките на припадниците на култната расистичка дружина Кју Клукс Клан, што од една страна го прави херој во очите на безбројните жртвувани црнци во текот на историјата, поголем од Спајк Ли, но од друга страна го прави отворен за нападите на омраза од страна на членовите на расистичкото здружение. Очигледно дека Тарантино расчистил со стравот во однос на ова прашање.

Колибата на Чичо .... Квентин

Ако чепнеме малку подлабоко под површината на нашата мила планета Земја, нè очекуваат не баш пријатни факти - колективната меморија во цели региони е оптоварена со феноменот на граѓанските војни, и иако историјата како наука кога ги предава овие податоци (или ги архивира), инсистира на нивната сместеност во минатото, тоа сепак може да ни послужи како една база на податоци од каде што можеме да црпиме објаснувања за тековните случувања коишто без познавањето на историјата немаат смисла. Затоа Тарантино почетокот на приказната го сместува во далечната 1858, година пред самиот почеток на граѓанската војна во Америка за којашто велат дека потоа (како алка во синџирот) има улога во предизвикувањето на Првата светска Војна...

Памук против Жито

Граѓанската војна во Америка се водела од 1861 до 1865 година. Погинува 3 проценти од вкупната популација. Завршува со победа на Северот, а една од главните придобивки на оваа победа е т.н. „Проглас за еманципација“, со кој се укинува ропството во Америка. Ова се случува за време на Линколновото  претседателство. И војната е еден вид бизнис – според  економскиот детерминизам, стопанственичките разлики помеѓу индустрискиот север и земјоделскиот југ биле главната причина за оваа голема војна во која погинуваат 1.300.000 војници. Европа била претежно на страната на Унијата од северот, и тоа пред сè Франција и Велика Британија...



nedjelja, 6. siječnja 2013.

божиќни бозони за срекна нова постапокалипса


а п о к а л и п т и ч е н    б о з о н  

Кој бара надвор, сонува
Кој бара внатре, се буди
Карл Густав Јунг

Христос се роди во пештера ... за сите.
 Тоа „сите“ се оние во болниците, оние во затворите, оние чијшто авион се урнал во недостапни предели на вечен снег, оние чиј брод заринкал некаде меѓу сцили и харибди...оние кои не успеале да ја напуштат пештерата пред следната плима и морале да се наголтаат вода иако не биле жедни...оние притиснатите до ѕид, во кои се пукало само заради некакво израмнување на ѕвездената прашина и оние кои во себе постојано потпевнуваат Love is not equation..... и воопшто немаат осет за какви и да е космички равенки.
И колку и да ги собира сите во една, единствена мисла, секогаш ќе има некој што не е со сите.
Токму со тој некој започнува божиќната приказна за Љубовта којашто вели: дојдете кај мене сите натоварени, моето бреме е лесно! За каква леснотија зборува Христос? Зарем е можно нешто да е лесно на патот на добрите намери, во чистилиштето подеднакво како и во Адот? Зарем е можно повеќе да нема машко и женско? Зарем е можно идејата за пеколот да е повикана во овој свет од чисто прагматски причини за полесно управување со quot hominеs, tot sententiae? Токму тоа: Раѓањето на љубовта е сведоштво за укинувањето на просторот на вечните огнови, објава на вистината дека смртта повеќе го нема авторското право да биде казна број 1 во овој свет на привиди. На сметка на сè исчистено останува само радоста.
Во големиот recycle bin на универзумот, 2012 ќе остане запаметена како година на  Хигзовиот Бозон, и година на Маите, година во која најголемиот број на гугл пребарувања биле поврзани со датумот 21 декември. Не беше мал бројот и на оние кои не дозволија овој спин да направи „всадување“ во нивната потсвест, но сепак беа малцинство... На тврдокорните и закоравени, или просто незаинтересирани скептици, добро им дојде утрото на 22 декември кога самото изгрејсонце беше доказ за испразноста на верувањето во сенешто.
Најинтересни беа оние кои овој датум го ставија на игнор па мугрите на следниот ден во ништо не се разликуваа од тие пред и тие потоа во однос на исчекувањето. Прашањето гласи – може ли да се игнорира едно такво цунами на колективното несвесно коешто сепак предизвика бура и во „колективното Свесно“ и на површината исфрли голем дел од заборавените нечистотии? Се покажа дека може.
Оние, пак што уживаа во слаткото чекање на апокалипсата се разбира си најдоа начин да го продолжат уживањето, а остатокот од оние што си ја гледаат својата работа, се справува кој како знае и умее со нивниот притаен садизам – тие час поскоро ја пласираа теоријата за погрешните календари, според која уривањето на овој свет е само прашање на неточна транскрипција – името на најжешкиот летен месец е заталкано заради глупавиот владетел од антиката Август, а, новем и декем се деветти и десетти месец со коишто се означени единаесетиот и дванаесетиот! Или фалат два месеци, или некој илјадници години си игра мајтап со календарите, или според теоријата на релативитетот, една секунда или еден век – не прави разлика од аспект на набљудувачот, што ќе рече дека еден милениум е само миг на божјото трепнување. Ама ете, каде што Бог – со око, апокалиптичните сценарија – со скок!
Што е = тоа е, а интернетот и покрај сета негова целисходност не треба да се зема многу за озбилно – освен неговата улога да биде потхранувач на информации, пожелно е да не се занемари и функцијата на забавувач (circenses), и за само две децении откако беше воведен како глобална комуникациска мрежа, достигна невидени размери и не престанува и натаму да се развива и усовршува. Глобализацијата влегува на мала врата и околу тоа не се крева голема бука. Заради тоа се појавува сомнежот дали е можно и негативните настани да бидат проголтани во центрифугата на разно-разните празнични расположенија во кои еден огномет од шест минути за некого може да трае цел живот... Би било лицемерно да се учествува во какви било манифестации на афект, чисто заради поддршка на трендот... . Ова мерење потоа делува според законот на условувањето. „АКО“. Ако ме сакаш, ќе те сакам. 

Истовремено, само човекот има лице скроено така што да може да се мери. Која е мерката на тоа лице? И што може да се види? Ретко кој знае за тајната на непоистоветувањето. И за океанот на мир кој се крие зад површинското бранување.
Ако нема искушенија преку случки и настани коишто нам во тој миг ни се претставуваат како „зло“ нема да дознаеме што има во нашето срце, за да можеме да се поправиме.
Во таа смисла не постои злото како суштина, туку постоиме ние како деца божји коишто постепено растеме во знаењето, за да станеме како Него.
Обично на човек му треба барем сенка од некаква божественост, па макар и да е толку проѕирна и кршлива, што самата таа да биде границата (лично) помеѓу постоењето и негацијата на истото, за да може некако да се види себеси. И кога со помош на овој замаглен ретровизор ќе ја спушти кофата до дното на бунарот, што ли ќе црпне од таму?
Неусловеноста на божјата љубов, која не може да се спореди со ништо од овој свет. За оваа љубов нема ниту едно АКО. Тоа е толку бараниот бозон, тоа се сите тајни знаења и потраги: љубовта, којашто има моќ да исцелува и која трпеливо чека во сите нас...