subota, 8. prosinca 2012.

Anga VIA Goliath


SARDISANITE

шшто е поважно: идентитетот на племето или идентитетот на цивилизацијата?


 

r a p e


Има ли некој што ја гледа целината? Има ли некој што се моли за доброто на сите? Има ли некој што истрајува во верата дека и покрај сè, Вистината ќе победи...има ли такви што веруваат дека не треба да им се придружат ако не можат да ги совладаат? Зарем мистицизмот е нашата единствена преостаната надеж?

Да си ист со самиот себеси е најблизу до онаа библиска референца кога Господ низ устата на Мојсеј проговара: Ехјех ашер ехјех.....јас сум оној кој сум, како и да е...
Навистина, кој е Човекот? Ако фрлиме само бегол поглед врз оние разуздани историски читанки со кои пред сè министерствата за образование се трудат да ги обликуваат мозоците на населението, ќе налетаме само на парчиња, или на аспекти од вистината. Ние сме пример за еден таков народ и една таква земја, каде што физичкиот или биолошкиот опстанок на видот во многу историски наврати бил трампан за името и презимето. Македонскиот кетмaн* низ вековите наназад заслужува особено внимание ако сакаме да ја допреме суштината на сопствениот идентитет, макар колку и да звучи тавтолошки, оти сè посилни и поизвесни се индициите дека извиканиот меѓународен фактор не може да нè види на геополитичката сложувалка ниту со телескоп ниту со микроскоп, најверојатно од простата причина што пред сè, резолуцијата на сликата што ние ја зрачиме често пати го менува бројот на своите пиксели. Тоа е онаа клучна ситуација за која има најмногу фусноти во христијанското Добротољубие: „... поголемо е да се видиш себеси, отколку да имаш ангелски виденија...“, и дури, препорачливо е избегнувањето на овие вторите, додека тоа, да се видиш (или да се спознаеш) себеси, е темелниот услов, без кој не може да се наѕидува ниту една наука. Единствено преку себепознанието доаѓа познанието на сè друго. Всушност, не ни има нешто друго. Со други зборови, Калеш Анѓа ниту може да се потурчи ниту да се погрчи доколку го има интегритетот на својот идентитет, дури ниту со примена на сила.
На пример, ако еден ја силува Анѓа, детето што ќе се роди ќе го носи името на силувачот, а ако Анѓа преживее да му го соопшти нејзиниот идентитет, детето може да има едно свое лично име за интимна употреба. Но суштинскиот идентитет на детето нема да биде ист ниту со идентитетот на силувачот ниту со оној на Анѓа, бидејќи токму тоа е суштината на идентитетот: неповторливоста, оригиналноста, самосвојственоста. Во аптеката на планетата Земја, сите ние сме можеби наредени како шишенца со различни етикети за да може аптекарот да има побрз  и поедноставен пристап, кога ќе му затреба одреден генотип... и можеби затоа се разликуваме надворешно по бојата на кожата, очите, носот... Но однатре... Внатре приказната е поинаква. Во таа инаквост е суштината на идентитетот. Силувачот е привлечен од убавината на Калеш Анѓа, а дури потоа некој во полицијата се сетил да ја погледне нејзината лична карта. Кетмaнот се појавува дури отпосле, кога Калеш Анѓа по свое сопствено наоѓање одлучува да биде сопственик на повеќе пасоши, со цел да има полесен и побрз пристап до меѓународните судови. Ако во лавиринтот на судските ходници не го заборави идентитетот на својот силувач, детето ќе биде жив потсетник, со свој сопствен идентитет, се разбира, каде што наметнатата ситуација можеби, ќе биде проверка на вистинитоста на едно до крај заглушено ехо, дека „силата моја, во слабоста твоја се пројавува...“. Значи, детето нема да ѝ помогне на Анѓа во таа заткулисна игра на ослободувањето од вината, што е единствен начин да се отфрли улогата на жртва и да се земе судбината во свои раце, т.е. да се има дете не како последица на силување туку на љубов. Само таквото дете коешто не е условено од никаква повисока инстанца на сила, го има интегритетот на истоста со себе, што е основа на божествениот архетип на сопството, слободата на инфинитивот да се биде тоа што „Е“.
Ако целото човештво е дете на истиот татко, или на истите родители, историјата онаква каква што ни се предава ширум институциите на системот е обичен преглед и хронолошки запис на братоубиствените судири и војни на оваа планета. На микроплан, дезинтегрираноста на човечката раса се огледува да речеме во т.н. дуалност на народите, што секогаш одново претставува извор за бесконечните внатрешни судири, за коишто секој добар историчар знае дека воопшто не се наивни, како што можеби се прикажуваат низ проекторот на холивудската кинематографија и дека често знаеле да завршат со бришење на еден народ од демографската мапа на светот.  Можеби оттаму изреката Боже, чувај ме од пријателите, од непријателите сам ќе се чувам...
Во еден чуден политички контекст во кој нè снашла улогата да бидеме центар на една кружница од чија периферија се зрачат непријателски бранови при што особено од јужната трибина просто вриштат децибели на паничен страв при самото изговарање на зборот МАКЕДОНИЈА, со своето хистерично однесување јужните соседи направија не само тотем, туку и табу од едно име. Доколку не наседнеме на замките на префрлањето на чувството на вина, треба само смирено да ја изгледаме претставата до крај и да видиме кој ќе го пресече јазолот на ова sweetest taboo! Европа ли треба да ја опоменува својата членка дека верувањето во моќта на името е одлика на примитивен менталитет, и воопшто не соодветствува на земја со монотеистичка религија чијшто фундаментален етички принцип е љубовта кон непријателите а не нешто друго? Овие или ја утнале религијата, или прават некоја чудна постмодернистичка компензација на принципи... Целата ситуација неодоливо потсетува на старозаветниот тетраграм на Божјото Име; имено,во стариот завет било забрането да се изговара (напразно) името Божјо. Ова име го означува самиот идентитет на Бога, а неговото значење не може да се разбере со разумот, туку само во надумно, што ќе рече, пророчко видение. Смислата на користењето на тајните знаци и симболи е токму во тоа дека оној што го знае значењето, ја има и „моќта“. Така во Тората името на Бог е напишано со четири согласки, ЈХВХ, и овој симбол или овие четири букви = тетраграм, не се изговарале, туку се изговарале оние што одговарале на „Адонај“, другото божјо име. Наместо Јахве, се изговара Адонај. Комплицирано, нели? Но не доволно за  подоцна тоа да се заборави и да почне читањето на самогласките на другото име означено кај ЈХВХ и оттаму погрешниот изговор Јехова. Не постои ерга омнес име за Бог. На некој начин, тоа е самото човечко суштество.

Наше е само да го обезбедиме интегритетот однатре. Инаку, името повторно ќе биде само можност нечија сила да се пројавува низ нашата слабост.

С т р а в
Стравот од непознатото се крие зад недовербата во Другиот. Другиот со кој не можам (или не сакам) да се идентификувам, претставува опасност и притаена закана. Затоа не сакам да го видам другиот и се оградувам себеси во границите на моето „јас“. Себичноста е нормална диспозиција на човековото его во фазата на неговото детство, но исто толку е ненормално кога таа се задржува и во фазата на неговите поодминати години. Начинот за надминување на себичноста (како детстка болест) е воспитувањето (хранењето) со љубов, и тоа е тајната на секој добар воспитувач, без разлика дали станува збор за родител, учител, дадилка, лидер... Единствено љубовта ја има моќта да го смирува и совладува стравот којшто кај детето (и сите коишто не расчистиле со синдромот на петар пан, возрасните коишто не успеале да пораснат, нели,) се артикулира како агресија или деструкција, а всушност однатре е очајнички крик за самозаштита. Оваа психологија функционира и во политичките игри што не ретко ги водат „деца“ коишто не биле доволно сакани.