Медиумска реторта
Дали виртуелното дружење може да
го замени тродимензионалното трошење на време во забавните паркови на Дизни? Дали
сетилото за допир полека но сигурно закржлавува вклучително соодветните мозочни
центри задолжени за таа функција? Што е тоа толку волшебно во профилот на
фејсбук што успеа да создаде најмасовна зависност на жителите на планетата
земја ever?
Практичноста? Лесната достапност? Припадност, па макар кон имагинарна група?
Дали се работи за фаза во
развојот која со тек на времето се надминува или станува збор за нова дрога од
која човек не може да се одвикне на друг начин освен со нејзино заменување со друга,
на повисоко ниво, пософистицирана?
Голем дел од населението преку
ноќ станаа фанови на 1001 ноќ, лисјата
паѓаат, долина на волците... без оглед на возраста, полот, професијата... Турската
империја уште еднаш го освојува Балканот, овојпат со шармот на преубавите
глумици, со вештата режија, со фантастичната сценографија, и секако, со
музичкиот дел, со онаа карактеристична, опојна, нам толку блиска мелодија
којашто пее за болката, за длабоката човечка, блиска на секоја душа, болка како
неодвоив дел од животот на обичниот и необичниот човек. Сите сценарија се
занимаваат со реалниот живот и особено е интересен начинот на кој се
испреплетуваат социјалните слоеви – ᾿сиромашните᾿ се постојано во допир со ᾿богатите᾿,
и посебно е интересно дека речиси сите коишто глумат богати по правило се многу
великодушни, хумани, сочувствителни со сиромасите. Нема касти, туку има луѓе...
Гледајќи ги овие ликови може многу да се научи за една религија којашто секогаш
ни била на дофат на раката (комши капиџикот), но никогаш не сме посегнале да ја
допреме – собуените чевли во дворот на Мустафа-пашината џамија секогаш беа задолжителната
поставка во декорот на мултикултуралната зададеност, а не близок, препознатлив
и драг гест на комшијата кој одамна го
пробил стереотипот на „освојувач“, делумно и во својот егзотичен молитвен
ритуал кој пред сè претполага чистота на стопалото... По изгледаната епизода
– долина – сенки – врби - муслиманите се луѓе со исклучително високи етички принципи,
тоа се луѓе за кои семејството, жената, бракот, децата се светиња и тие се
секогаш спремни да сторат сè на браникот на својата светиња. Ако
тоа и не била намерна или свесна стратегија на оваа нова но сега веќе високо
развиена уметничка (филмска) индустрија на турската држава, таа е веќе
многукратно постигната, кај голем дел од конзументите без муслимански бекграунд
во смисла на религиозна определба.
Од технички аспект, сериите се
совршени. Од драматуршки аспект, тие обработуваат теми кои му се многу блиски
на менталитетот на нашиот народ. Да речеме, сплетот нации, во рамките на
јужнословенските држави под едно знаме од втората половина на дваесеттиот век, растеле
со Коџак, но и со Јаношик...со неизбежните случувалки на лосанџелската полиција
и фаталната Енџи Д. во Police Woman, со
Грдиот Хари и гратчето Пејтон, а пак, во осумдесеттите – тоа што сега го прави
турската продукција на нашиве простори, тогаш го правеше англо - американската
– од една страна серијалот Династија, а од друга зародишот на хиперпродукциската
митологија за урбаниот натчовек облечен во оделото на Супермен, Бетмен, и слични, а како серијали –
оние на работ на здодевност, N.C.I.S., или еден куп такви за работата на приватните
детективи, за форензичари, ФБИ, сè до сублиматот на овластениот да убива
во име на тајните служби, еден Бонд, Џемс Бонд. Сето тоа набиено со многу
акција, со многу пукање, бруталност и малку хумор.
За разлика од нив, овие пакети на
турски серијали изобилуваат со патетика. Тоа е тој момент на театралност,
патосот на трагедијата којшто кореспондира со длабокото несвесно на индивидуата
(но и на колективот), и во зависност од дејствието (драмата), делува
катарзично, што ќе рече – прочистително. Изобилство од чувства. Крупни кадри на
човечки лица и многу експресивност. Видлива драма на борбата на доброто и злото
и страдањето што оваа борба го носи со себе. Се разбира дека на балканскиот
менталитет и особено ᾿емотивитет᾿ многу повеќе му погодува понудата на
современата турска филмска продукција, каде што публиката си го плакне окото со
преубавата турска жена, а пак, увото со бескрајно убавата музика – „класична
турска“, одошто на бледите сценарија за њујоршката полиција којашто во вечната
потрага по мистериозниот сериски убиец по улиците на градот постојано
предизвикува целосна девастација со изобилие од експлодирани коли, непрекината
закана од терористички напади или поблага варијанта, вонземјани и трета светска
војна, запалени трамваи, метроа кренати во воздух само затоа што на мајкл
даглас банкарскиот службеник не му се насмевнал со доволна доза љубезност...
Тука некаде може да е референтна
аналогијата со медиумот на книгата, школската лектира како задолжително летно
четиво, потоа местото на т.н. љубовни викенд романчиња, како и едно особено
важно субкултурно случување – стрипот. Султан Сулејман или Модести Блејз? Текс
Вилер, Шехерезад, Мирјам, Алан Форд, Неџла... Некој ќе рече не може сè
во истиот директориум, ама може во истата папка.
Другата страна на паричката е,
секако влијанието на европските културолошки и естетски модели (уметнички и
занаетски) врз тоа да се има вакви нус продукти, вакви тв серии. Интересно е
колку тие серии се производ наменски направен и прилагоден кон европскиот начин
на восприемање? За нас балканците ова е сосема нерелевантно во смисла на наша
адаптација на конзументскиот аксесоар.... бидејќи ние ја имаме ширината на обединувачкиот
етос на раскрсницата којшто е веќе спој на едното, и другото, и левото и
десното – ние сме веќе извежбани да го намирисаме и ориенталното, топлото и
зачинетото но и ладното, европското, пробирливото и до танчина пресметано. Ете,
нам ни се паднала таа улога на некој кој ги обединува овие спротивности во
нешто трето, или барем ја раскринкува маската и на едното и на другото,
откривајќи го во спротивното – нему спротивното. Практично ова би можело да
биде поставено во вид на прашање – дали онаа турско-германска врска што беше
особено функционална во втората половина на 20 век (ако не и порано), во лицето
на турските гастербајтери (Камионџиите
и југословенскиот Чкаља!)по високо развиените економски, технолошки и трговски
центри ширум каролиншката цивилизација и татковина на Deutsche, дали тие млади Турци од
мешаните турско германски бракови воспитани и зајакнати од азилантската дисциплината
и образование – се вратија во татковината со знаења и вештини за тоа како
својата генетска матрица со припитомен слаткаст ориентален код да му ја
пласираат на Западот со цел да го – заведат? И да му објаснат дека не станува
збор за варвари....? На пример, дали и во една Грција (особено среде
холограмскиот кошмар на нејзината
економска криза), оној дел од населението што има време да зјапа во
тв-екраните, е под истата импресија на турските серии со оглед на фактот дека
векови наназад била првиот политички опонент на големата исламска империја?
Дали телевизијата со својот развој во последните педесетина години успеа да ги разбие границите на тие стереотипи? Особено пак денес, на почетокот на 21 век кога и самата телевизија на сметка на новиот моќен медиум (internetot) станува полека но сигурно таков џиновски мамут кој заминува во историјата...
Дали телевизијата со својот развој во последните педесетина години успеа да ги разбие границите на тие стереотипи? Особено пак денес, на почетокот на 21 век кога и самата телевизија на сметка на новиот моќен медиум (internetot) станува полека но сигурно таков џиновски мамут кој заминува во историјата...
Барем на нашиве простори, и тоа
во овие услови кога интернетот веќе сосема ги смени координатите на просторот и
времето и постави нови темели во начинот на перцепцијата на стварноста, целта е
и повеќе од постигната. Наеднаш, нашето петовековно
ропство станува придобивка, предност и мотив повеќе да имаме позитивен
пристап кон сопственото минато. Неуспешното востание сега добива нов призвук,
за малку триумфален.
Нема сомнение,со еден клик влегувате во
царството на четвртата димензија и во понудата на можните гугл дестинации го
гледате остварувањето на борхесовскиот сон, оној за кого библиотеката го симболизираше рајот, а рајот
– библиотеката!
Едноставно, кога пред наши очи се
случува информатичко ресетирање на новите генерации коишто Балашевиќ така
романтично ги препозна како „некои нови клинци“ од нашето соседство, не е можно
човекот на новото време да ѝ одолее на оваа современа наезда на
бесконечното пространство на идеи (секому достапни, се разбира). Во пакети, за
само 99 денари или можеби уште поевтино! Интернетот е тој што успеа уличките на
Хонг Конг, шумите на Бразил или рудниците во ЈАР да ги помести на тротоарите
зад првиот свиок...единствено потребната алатка за ова е нашата перцепција...