nedjelja, 23. rujna 2012.

kenozoik


Животот смрт ,  љубовта и огревното дрво

Како би можеле да се поврзат овие четири? Првата асоцијација е: сиромашен филозоф.
Но потоа надоаѓаат други, многу поинтересни, иако ни оваа првата која е референтна на сировината од која се ткае материјалната димензија на нештата,  не е за фрлање.
На пример, љубовта е огнот што постојано гори во срцето. Кога гори овој огин, оној што го носи таквото срце, нема никаква потреба. Со тој оган, тој стоплува сè наоколу. Ја загрева атмосферата, го грее воздухот. Кога говори, низ неговата уста се тркалаат искри и со нив тој потпалува сè околно.
Дури напротив, на оној што љуби подобро би му дошол некаков разладен уред. Не за џабе, во new age-от многу повеќе е ин по дома да се има air conditioner одошто парен котел. И скраја да е непарен.
Но да се вратиме сега на философот. Нели сме употребиле некаков пароксизам, кога сме му ја залепиле етикетата сиромашен? Та нели е тој оној што два пати не можеше во истата река да влезе? Нели он со фенер талкаше низ улиците на градот, барајќи нешто? Сигурно не бараше да се намали цената по кубик оваа зима? Или со занемарливата светлинка од фенерот се обидува да ѝ фрли маја во очите на отрезнувачката прагма која пишти со својот нискофреквентен противпожарен аларм: синко, од љубов не се живее...
Ви велам -  да прошетаме низ сите откупни центри на огревно дрво низ околината, и да ги прашаме смрзнатите, дали им беа доволни четирите месеци лето или сакаат продолжување на сезоната? Филозофот предлага да нема зима. Евентуално малку нешто пролет.
Филозофот исто така пееше дека ние сме го менувале денот за ноќта, но овие коишто секоја есен ја вадат сартровската тегобност од најдолната фиока, и повторно се задолжуваат како би преживеале, би го смениле монополот на овој зодијак за која било понуда од некоја хавајска рамноденица, само кога би имале пристап до тој екваторски софтвер, инаку штурците ќе си продолжат со своите летни песни од типот „Кенозоикот ми е за тебе....а за кој друг...сонце мое...единствено“!
А тоа, Сонцето, изворот на енергија, неумоливо, не отстапува од зададената патека, всушност планетава за која велат се врти околу сопствената оска а потоа и околу нешто друго... Од толку вртење, се зашеметува умот доколку навреме не донесе соодветна одлука за видот на енергија со која ќе ја помине зимата што доаѓа: дрвото, нафтата, струјата...
Се разбира, филозофот неодминливо се прашува каде се оние среќни неандерталски времиња, кога шумите беа за сите, достапни секому....додуша да не заборавиме дека и Прометеј сè уште ја немал приземјено искрата, та никој во пештерите и не помислувал нешто да пали или да пече... Елем, love was in the air…, и од таа атмосфера сè било веќе ем запалено, ем печено, така што ретко кој обрнувал внимание дали било, згора на сè - речено… Баш напротив, воздухот сè уште ја немал искусено силата на Зборот...
Бидејќи мудрољубив, пак и пак, филозофот успева да ги преживее студот и гладта како најголеми непријатели на полето на сопствениот опстанок. Како оној кој е во љубовен занес по мудроста, секогаш кога флертува со глупоста или заборавноста доаѓајќи до работ на амбисот, страдајќи од немаштина, само за да ја измери должината на својата чергичка, на крајот се враќа на изворот – се линкува, се логира, се поврзува со повисоките светови и...
Наеднаш, состојбата на неговата тековна сметка повеќе не зависи од законитостите на берзата. Линкот со апсолутот го ослободува од ропството на стравот дали ќе преживее. Тој не поседува, тој Е!
Од царството на условеноста, зависноста од надворешните вечно променливи и непредвидливи околности, и загарантираноста на северниот леден пол само заради противтежата на југот, се враќа Дома, во сопственото срце каде што има Сè на сметката на само еден кубик огревно дрво коешто робовите го плаќаат со својот живот... Оние што се слободни од стравот се греат на многу посуптилни греалки! Тоа им оди во прилог на локалните шумски стопанства, и истовремено и на глобалното зеленило на милата ни планета Мајка!

Nema komentara:

Objavi komentar