nedjelja, 6. siječnja 2013.

божиќни бозони за срекна нова постапокалипса


а п о к а л и п т и ч е н    б о з о н  

Кој бара надвор, сонува
Кој бара внатре, се буди
Карл Густав Јунг

Христос се роди во пештера ... за сите.
 Тоа „сите“ се оние во болниците, оние во затворите, оние чијшто авион се урнал во недостапни предели на вечен снег, оние чиј брод заринкал некаде меѓу сцили и харибди...оние кои не успеале да ја напуштат пештерата пред следната плима и морале да се наголтаат вода иако не биле жедни...оние притиснатите до ѕид, во кои се пукало само заради некакво израмнување на ѕвездената прашина и оние кои во себе постојано потпевнуваат Love is not equation..... и воопшто немаат осет за какви и да е космички равенки.
И колку и да ги собира сите во една, единствена мисла, секогаш ќе има некој што не е со сите.
Токму со тој некој започнува божиќната приказна за Љубовта којашто вели: дојдете кај мене сите натоварени, моето бреме е лесно! За каква леснотија зборува Христос? Зарем е можно нешто да е лесно на патот на добрите намери, во чистилиштето подеднакво како и во Адот? Зарем е можно повеќе да нема машко и женско? Зарем е можно идејата за пеколот да е повикана во овој свет од чисто прагматски причини за полесно управување со quot hominеs, tot sententiae? Токму тоа: Раѓањето на љубовта е сведоштво за укинувањето на просторот на вечните огнови, објава на вистината дека смртта повеќе го нема авторското право да биде казна број 1 во овој свет на привиди. На сметка на сè исчистено останува само радоста.
Во големиот recycle bin на универзумот, 2012 ќе остане запаметена како година на  Хигзовиот Бозон, и година на Маите, година во која најголемиот број на гугл пребарувања биле поврзани со датумот 21 декември. Не беше мал бројот и на оние кои не дозволија овој спин да направи „всадување“ во нивната потсвест, но сепак беа малцинство... На тврдокорните и закоравени, или просто незаинтересирани скептици, добро им дојде утрото на 22 декември кога самото изгрејсонце беше доказ за испразноста на верувањето во сенешто.
Најинтересни беа оние кои овој датум го ставија на игнор па мугрите на следниот ден во ништо не се разликуваа од тие пред и тие потоа во однос на исчекувањето. Прашањето гласи – може ли да се игнорира едно такво цунами на колективното несвесно коешто сепак предизвика бура и во „колективното Свесно“ и на површината исфрли голем дел од заборавените нечистотии? Се покажа дека може.
Оние, пак што уживаа во слаткото чекање на апокалипсата се разбира си најдоа начин да го продолжат уживањето, а остатокот од оние што си ја гледаат својата работа, се справува кој како знае и умее со нивниот притаен садизам – тие час поскоро ја пласираа теоријата за погрешните календари, според која уривањето на овој свет е само прашање на неточна транскрипција – името на најжешкиот летен месец е заталкано заради глупавиот владетел од антиката Август, а, новем и декем се деветти и десетти месец со коишто се означени единаесетиот и дванаесетиот! Или фалат два месеци, или некој илјадници години си игра мајтап со календарите, или според теоријата на релативитетот, една секунда или еден век – не прави разлика од аспект на набљудувачот, што ќе рече дека еден милениум е само миг на божјото трепнување. Ама ете, каде што Бог – со око, апокалиптичните сценарија – со скок!
Што е = тоа е, а интернетот и покрај сета негова целисходност не треба да се зема многу за озбилно – освен неговата улога да биде потхранувач на информации, пожелно е да не се занемари и функцијата на забавувач (circenses), и за само две децении откако беше воведен како глобална комуникациска мрежа, достигна невидени размери и не престанува и натаму да се развива и усовршува. Глобализацијата влегува на мала врата и околу тоа не се крева голема бука. Заради тоа се појавува сомнежот дали е можно и негативните настани да бидат проголтани во центрифугата на разно-разните празнични расположенија во кои еден огномет од шест минути за некого може да трае цел живот... Би било лицемерно да се учествува во какви било манифестации на афект, чисто заради поддршка на трендот... . Ова мерење потоа делува според законот на условувањето. „АКО“. Ако ме сакаш, ќе те сакам. 

Истовремено, само човекот има лице скроено така што да може да се мери. Која е мерката на тоа лице? И што може да се види? Ретко кој знае за тајната на непоистоветувањето. И за океанот на мир кој се крие зад површинското бранување.
Ако нема искушенија преку случки и настани коишто нам во тој миг ни се претставуваат како „зло“ нема да дознаеме што има во нашето срце, за да можеме да се поправиме.
Во таа смисла не постои злото како суштина, туку постоиме ние како деца божји коишто постепено растеме во знаењето, за да станеме како Него.
Обично на човек му треба барем сенка од некаква божественост, па макар и да е толку проѕирна и кршлива, што самата таа да биде границата (лично) помеѓу постоењето и негацијата на истото, за да може некако да се види себеси. И кога со помош на овој замаглен ретровизор ќе ја спушти кофата до дното на бунарот, што ли ќе црпне од таму?
Неусловеноста на божјата љубов, која не може да се спореди со ништо од овој свет. За оваа љубов нема ниту едно АКО. Тоа е толку бараниот бозон, тоа се сите тајни знаења и потраги: љубовта, којашто има моќ да исцелува и која трпеливо чека во сите нас...




Nema komentara:

Objavi komentar